Распослано на двата брега на Пехчевска Река, на падините на планината Влаина на надморска височина од 1.000 метри, се наоѓа Пехчево, живописно место опколено со големи и пространи борови шуми, ладни потоци и чист планински воздух.
Иако мало, ова гратче има долга историја. Постанокот на Пехчево според народните преданија и расположливите пишувани документи е поврзан со доаѓањето на Турците на Балканскиот Полуостров. За постоењето на овој стар локалитет зборуваат и многуте имиња, како и темелите на старата римска населба во која се топела рудата од околните рудници. Според старите жители на Пехчево и оние што ја познаваат историјата на градот, токму по тие печки населбата го добила името.
Густите шуми испреплетени со патеки ги носат посетителите до Раковец, каде што се наоѓала старата римска рударска населба. Во средновековието населбата била важен стопански и административен центар. Се верува дека во близина на Пехчево се наоѓаат темелите на средновековниот книжевен центар Равен, каде што браќата Кирил и Методиј ја создале глаголицата, најстарото писмо на Словените. Во селото се наоѓаат и темелите на стариот манастирски комплекс „Света Петка” од 6 век.
Податоците за овој крај велат дека градот според занимањата на жителите бил поделен на три маала. Во маалото Катеринци, најгоре во близина на пасиштата, живееле сточари. Во Горно маало живееле трговците и занаетчиите, а долномаалци биле земјоделци и градинари.
Денес во општина Пехчево живеат 5.517 жители на површина од 206 квадратни километри. Пехчево има идеална клима за подготовка на спортски екипи. Градот располага со современо фудбалско игралиште, како и спортска сала и тениско игралиште кои се опремени согласно модерните стандарди.
Со огромниот потенцијал што го поседува, Пехчево станува посебно атрактивна дестинација за сите што сакаат да дојдат, да го посетат и да се одморат, да ја запознаат историјата на градот и убавината на неговата околина.
За повеќе информации во врска со Општина Пехчево, посетете ја веб страницата на следниот линк: http://pehcevo.gov.mk