Авантуристичкиот парк во Пехчево засекогаш ќе ја промени идејата за тоа како треба да се помине и доживее една планинска авантура во Македонија. Овој новоизграден парк е место што содржи широк спектар авантуристички елементи, а една од нив е првата zip – линија во републиката, со должина од 240 метри  и  адреналинската патека со должина од 360 метри.

Zip – линијата се состои од две платформи поврзани меѓу себе со челична, поцинкована сајла. Линијата е дизајнирана да им овозможи на корисниците слободно движење со помош на гравитација, по разни препреки од врвот до дното, притоа употребувајќи сигурносни појаси. Zip – линиите доаѓаат во многу форми, а најчесто се користат како средство за забава и спаѓаат во категоријата адреналински/ екстремни спортови. Во историјата zip – линиите се користеле како средство за пристап до оддалечените области, како што се дождовните шуми и џунглите на Костарика и Никарагва.

Во Пехчево, zip – линијата и адреналинската патека преставуваат структура од јажиња и сајли кои висат од едниот до другиот крај на патеката од високите дрва во густата шума, а се прицврстени за помошни објекти, па дури и за карпите или издигнувањата во релјефот. Како препреки во конструкцијата на zip – линијата се поставени цик – цак скали, буриња, колци и трупчиња, столбови, лулашки и греди, симулирани автомобилски гуми, мрежи, мостови. Во паркот на располагање има инструктори кои овозможуваат обука и помош при надминување на препреките и безбедно спуштање на земја за сите посетители.

За сите љубители на авантуризмот, zip – линијата нуди забавен адреналински предизвик преку возбудливото едрење низ планинскиот воздух, меѓу високите стебла на неверојатната борова шума и над малото барово езерце под линијата. Сето тоа на висина од четири до шест метри од тлото за сосема ново и неверојатно искуство.

Паркот е инвестиција на општина Пехчево, а zip – линијата е под покровителство на Хотел Гогов, новоотворениот хотел во градот којшто нуди одмор и релаксација за сите туристи кои сакаат да го искусат планинскиот туризам и да бидат дел од оваа адреналинска авантура.

Покрај авантуристичката понуда и исклучително чистиот воздух, посетата во Пехчево и Малешевските планини ќе ви овозможи и дополнително да дознаете нешто повеќе за локалниот екосистем на растенија и диви животни, како и за локалната историја и многу други интересни факти за малешевската област и регион.

Превземено од бизнис инфо - http://bi.mk/prvata-zip-linija-za-site-avanturisti-i-rekreativci-locirana-vo-pehchevo/